Потпишување на Меморандум за соработка меѓу ИНОВА и Хамаг Бикро

Објавено на - февруари 17 , 2026

ИНОВА ја зајакнува регионалната соработка со Хрватска во областа на иновациите, Директорката на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво ИНОВА, Даниела Димовска, престојува во работна посета на Загреб, Република Хрватска, каде реализира низа билатерални средби и активности насочени кон продлабочување на регионалната соработка во областа на иновациите, поддршката на малите и средни претпријатија и развојот на современи технолошки екосистеми.

Во рамките на посетата беше потпишан Меморандум за соработка со Hamag-Bicro – Хрватската агенција за мало стопанство, иновации и инвестиции, која претставува клучна институција во поддршката на претприемништвото, иновацискиот процес и олеснувањето на пристапот до финансии. Со Меморандумот се воспоставува рамка за структурирана институционална соработка меѓу ИНОВА и Hamag-Bicro, размена на добри практики, заеднички иницијативи и програми, како и олеснување на пристапот до меѓународни фондови, знаење и експертиза за македонските и хрватските компании.

Посебен акцент ќе биде ставен на поддршката на стартап-екосистемите, технолошките компании и иновативните претприемачи, со цел зголемување на нивната конкурентност на регионалните и европските пазари. Делегацијата на ИНОВА ќе го посети и македонскиот културен центар во Загреб, каде ќе ја разгледа изложбата „Простори на конјункција“ на Национална галерија. Во соработка со Македонски културно-информативен центар во Загреб ќе се организира средба со македонската дијаспора, на која ќе се презентираат можностите за поддршка што ги нуди ИНОВА, како и потенцијалите за вмрежување и инвестиции.

Покрај овие активности, делегацијата ќе оствари и средби со претставници на релевантни институции и организации од иновацискиот и претприемачкиот екосистем во Хрватска, со цел отворање нови можности за партнерства и заеднички проекти. Со оваа посета, ИНОВА уште еднаш ја потврдува својата стратешка определба за градење силни регионални партнерства, унапредување на иновативниот амбиент и обезбедување конкретна поддршка за македонските граѓани и компании, како во земјата така и во странство.